Баерн и Борусија вечерва во Лондон на европската и на светската публика ѝ пружија вистинско финале за сеќавање, по кое оние кои му се радуваа на толку посакуваниот трофеј во Лигата на шампионите беа Баварците.
Играчот кој тие долго ќе го слават е Арјен Робен, кој конечно, по неколкуте ситуации во големите средби за својата репрезентација и Баерн, кога ја имаше улогата на трагичар, се најде во ситуација да биде херој во едно големо финале.
Холанѓанецот не само што го намести првиот погодок на својата екипа, со кој Баерн поведе преку Марио Манџукиќ, туку беше и стрелец на решавачкиот гол, во 89. минута за конечни 2:1 и за петтата европска круна на Баварците.
Со тоа Робен стави точка на својата одлична партија во финалето во кое токму тој беше главниот проблем за одбраната на Борусија, која на крајот се покажа и немаше решение за Холанѓанецот.
Тој по нецел еден час игра, по неколкуте добри шанси во првиот дел, успеа да ја избегне офсајд стапицата на противничката одбрана и потоа да му асистира на Манџукиќ за отворање на резултатот. Радоста на Баерн во тие моменти траеше само осум минути откако Данте направи прекршок за најстрога казна над Марко Ројс, а смирено од белата точка на 1:1 изедначи Иљкај Ѓундоган.
Сепак, иницијативата која во поголемиот дел од финалето ја имаа Баварците на крајот се покажа како клучна во акцијата во претпоследната минута од регуларните 90, во која Робен беше поуспешен од стоперите, а потоа и од голманот на Борусија за големо славје на делот од Вембли на кој се најдоа навивачите на гигантот од Минхен.

No comments:
Post a Comment